На гробиштата во битолското село Цапари, каде се погребани 214 бугарски војници кои загинале во борбите за време на Првата светска војна, денеска во организација на источниот сосед се одржа воено-црковен ритуал на кој присуствуваше бугарската потпретседателката Илијана Јотова, како и поранешниот бугарски претседател Георги Парванов. „Војниците загинале херојски за мајка Бугарија во борбите за бугарскиот идеал за обединување“, кажа Јотова во обраќањето на гробиштата. Јотова допатува во Битола вчера токму на Денот на ослободувањето на градот. Балканските народи имаат тешка, но многу заедничка историја. Колку подобро се познаваме, толку подобро ќе живееме во мир и со разбирање“, кажа Јотова.
Таа се заблагорари на сите кои воделе грижа за гробиштата и додаде дека нема оправдување за денешните страшни конфликти кои уништија милиони животи.
Јотова синоќа допатува во Битола по повод, како што беше соопштено, денешната Задушница.
Таа на новинарското прашање дали нејзината посета на 4 Ноември – Денот на ослободувањето на градот од фашизмот е провокација рече:
„Јас се исклучувам од тоа натаму да минувам по пат на провокации и ние имаме заеднички интереси и цели. Се молам за душите на војниците и офицерите и се молам за разум, да нема војни. Заедно со бугарската делегација оддавам почит на првите признати од двете земји бугарски воени гробишта во Цапари. Бугарските војници веруваа во ослободувањето на сите Бугари, во обединувањето на Бугарија, во обединувањето на сите нас. Гледајќи ги сите ужаси од војните немаме право на идните генерации да им оставаме војни и конфликти, туку мир просперитет“, изјави потпретседателката на Бугарија.
Ѓорѓи Прванов исто како и Јотова изјави дека војниците загинале „за ослободување на народот и за обединувањето на Бугарија“.
Претходно, во конзулатот на Бугарија во Битола, Јотова присуствуваше на отворањето на изложбата „125 години бугарско дипломатско претставништво во Битола” и на презентацијата на книгата „Досието „Галичица” и скршената судбина на Панде Ефтимов”. Илијана Јотова положи цвеќе на гробот на првиот дипломатски претставник во Битола, Никола Стојчев.
Потоа, како што пренесува Бгнес, таа искажала свој коментар дека Битола е центарот на бугарската ренесанса.
„Битола е посебно место. Нема шанса, додека шетате низ градот, да нѐ ве допре нешто.Тука се случува самоопределувањето и суверенитетот на новата бугарска држава. Пред само еден месец бевме заедно на гости кај Бугарите во Хрватска. Сакам да ви кажам еден факт. Во едно мало село каде Штросмаер работел долги години, во мал музеј, под стакло, се чува неверојатна реткост: оригиналот на бугарските народни песни на браќата Миладиновци. Никој таму не ни помислува да ги нарече овие песни македонски, како што видов овде, во Република Северна Македонија, а на наше најголемо чудење. Ако си го поставиме прашањето што точно споделуваме, ретко кој може да даде суштински и смислен одговор. Тоа се големи личности во овој дел од Европа, сè уште во ерата на ропството. За жал, од некои не сме разбрани”, кажала Јотова.