Директорката на Детската клиника, Аспазија Софијанова поднела оставка.
Како што информираше Министерството за здравство, оставката доаѓа по барање на министерот, откако ТВ Клан и новинарот Фуркан Салиу открија скандал дека земала до 5000 евра месечни примања, ако се соберат платата и дежурствата.
Поскандалозно било тоа што и биле пишувани дежурства, а таа била надвор од државата.
Оставка поднесе и директорот на Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија Никола Васев каде исто така биле откриени нерегуларности.
Согласно законските процедури, по назначување нови директори на овие клиники од страна на Министерот, јавноста навремено ќе биде информирана, велат од МЗ.
Веднаш по објавата, на социјалните мрежи преку статуси се огласи и новинарот Салиу, кој ја доби оваа битка, па слободно може да се каже и дека ова е негова победа.
-Who’s next? (Кој е следен), напиша најпрво Фуркан, а потоа упати и прашање до сите кои ја бранеа докторката Софијанова:
-Многу ме интересира како ја коментираат оставката на Софијанова тие што упорно ја бранеа и инсистираа дека прилогот е по нечија нарачка? Ех тек кога ќе го прочитате ревизорскиот извештај сакам да го чујам вашето мислење