Пензиите неодамна се зголемија за 6,8 проценти. Претходно имаше зголемување од 2,9отсто, а веќе се најавува и ново зголемување. Колку пензискиот фонд има „кондиција“ да ги издржи овие зголемувања 24 инфо ја праша Јованка Тренчевска министерка за труд и социјална политика. Со неа разговаравме за пакетот мерки со кои им се помага и на ранливите категории граѓаните, за новоотворените градинки и колку е голема потребата за место повеќе во нив…
Главен извор за финансирање на Пензискиот фонд е приливот од придонесите, што значи дека зголемувањето од 6,3%, минатата година, во однос на претходната година укажува дека имаме стабилен пензиски систем кој се полни од придонеси.
Најважно е што трансферот од централниот буџет кон Фондот,секоја година се намалува, што исто така укажува дека имаме стабилен пензиски систем, бидејќи Фондот сам генерира приходи. Тоа пак, значи дека се отвораат нови работни места за кој се плаќаат придонеси, и на тој начин се полни пензискиот фонд.
Како Влада насочени сме кон креирање на системски решенија кои ќе даваат резултати на долг рок. Тоа беше и појдовната точка кога ја правевме и новата методологија за усогласување на пензиите. Согласно оваа методологија пензиите ќе се усогласуваат два пати во годината, септември и март и тоа 50% со трошоците за живот и 50% со просечната плата. На овој начин растот на пензиите нема да зависи од ничија политичка одлука или волја. Обезбедивме раст на пензиите во континуитет.
Да сумираме, пензискиотссистем е стабилен и пензиите ќе продолжат да се исплаќаат редовно и предвреме како и досега, со усогласување два пати во годината.
Со последниот пакет мерки им се помага и на ранливите категории граѓаните, што секако е за поздравување, но има ли доволно системски решенија кои на долг рок можат да им помогнат на овие граѓани да излезат од кругот на сиромаштија?
Грижата за сите граѓани, обезбедувањето на можности за напредок на секој поединец во општеството е приоритет, но и сериозна одговорност на Владата. А нејзината успешност се огледа во испораката на видливи резултати, од кои придобивки имаат граѓаните.
Социјалниот систем и реформите покажаа дека во време на криза системот е отворен и стабилен и може да ги апсорбира сите граѓани на кои им е потребна поддршка се до нивно активирање на пазарот на трудот. Системот за социјална заштита ги прима материјално необезбедените граѓани, тие се стекнуваат со одредени социјални права и услуги, но ако ги оставиме во системот ги правиме пасивни и ја развиваме сивата економија. Целта на реформите од 2019 година се активација на примателите на Гарантирана минимална помошна пазарот на труд, а не да ги држиме во системот. Затоа преку изработка на индивидуални планови за примателите на ГМП од страна на Центрите за социјална работа и Агенцијата за вработување, преку обуки, доквалификации, преквалификации се активира највработливиот член во семејството, а со тоа се придонесува кон вадење на семејството од ризик, од сиромаштија. Тоа е решение на долг рок.
3.Вие, но и владата постојано промовирате отворање нови градинки, но реално сеуште постои голем недостиг на места во предучилишното образование. Колкав е опфататот на деца што посетуваат градинки?
Од доаѓањето на оваа Влада, отворени се вкупно 72 објекти за предучилишно воспитание и образование. Со нив се опфатени околу 4800 нови деца. Притоа се водеше сметка да бидат опфатени рамномерно сите градови и места каде имаше потреба од згрижување на деца.
За прв пат јавни установи за предучилишно воспитание добија 10 населени места, а дополнително објекти-клонови кои припаѓаат на јавна установа уште 17 населени места. Водени по девизата дека секое дете има право да биде вклучено во предучилишен процес и стекнување на предзнаења кои ќе придонесат за негов полесен влез во образовниот процес, продолжуваме во таа насока и понатаму.
До крајот на оваа година со изградба треба да завршат нови 10 градинки, а до крајот на следната 2023 година, уште 15 нови градинки. Во меѓувреме , министерството е отворено за апликации за нови градинки од општините. Соработката со локалната самоуправа е од големо значење, и верувам дека таа ќе продолжи како и досега, затоа што сите заедно работиме за унапредување на квалитетот на живот на сите граѓани.
Во Република Северна Македонија вкупниот опфат на деца од 0-6 години е 32.4%, додека опфатот на деца од 3-6 годишна возраст изнесува 45.2%.
Во јавноста се уште циркулираат информации дека со мерките за штедење, луѓе вработени во администрацијата ќе бидат отпуштани од работа, треба ли овие граѓани да стравуваат за своите работни места?
Неколкупати веќе зборував во јавноста за тоа дека отпуштања во администрацијата нема да има. За жал тоа се дезинформации, шпекулации од чие ширење само може да се предизвика страв или неизвесност кај граѓаните вработени во администрацијата.
Согласно препораката за рационализација и оптимизација на вработените во јавниот сектор, секоја институција треба да направи функционална анализа, која е неопходна за да може да се види дали институцијата има доволен број на вработени, дали тие имаат доволен ангажман, дали е потребна реорганизација на вработените, односно да се види функционалноста на институцијата и колку граѓаните добиваат квалитетна услуга од вработените во институцијата.
Отпуштања на вработени во јавниот сектор, нема да има, туку преку мобилност и преземање вработените ќе бидат преместени во други институции или реалниот сектор. Ниту во еден момент целта на Владата со Планот за фискална оддржливост не било бркањето од работа или уназадување на правата на работниците, туку целта е да се направи заштеда, секој работник да покаже резултати, а граѓаните квалитетни услуги.