
И германскиот канцелар Олаф Шолц уште еднаш ја истакна својата принципиелна поддршка за прием на Западен Балкан во ЕУ велејќи дека местото на шесте земји од овој регион е во Унијата и дека тие се дел од Европа и европското семејство.
Неопходно да се забрза процесот на пристапување на земјите од Западен Балкан во Европската унија, но овој процес мора целосно да се заснова на заслуги и дека нема „цврста временска рамка“.
Ваква порака испрати денеска претседателката на Европската комисија (ЕК) Урсула фон дер Лајен на заедничка прес-конференција со германскиот канцелар Олаф Шолц и албанскиот премиер Еди Рама во рамки на Берлинскиот процес.
„Колку побрзо се спроведат реформите толку побрз ќе биде процесот на пристапување, и обратно, без спроведување реформи, процесот ќе се забави“,
рече претседателката на ЕК.
Таа посочи дека новата методологија на пристапните преговори има за цел да го забрза процесот доколку постои подготвеност да се работи напорно на основните прашања на владеењето на правото и принципиелните вредности на ЕУ.
„Во овој момент го чувствуваме ветерот на промени и поради геополитичката ситуација важно е да се турка пристапниот процес на Западен Балкан. Сакаме нашите пријатели да бидат во ЕУ“,
рече Фон дер Лајен.
Покрај процесот на проширување на ЕУ, фон дер Лајен, ја истакна важноста на Берлинскиот процес, чија цел, како што рече, е продлабочување на економската интеграција.
„Регионалната интеграција и развојот на заедничкиот регионален пазар се многу важни за интеграцијата на регионот во единствениот пазар на ЕУ“,
рече Фон дер Лајен.
За таа цел, посочи таа, се и трите регионални договори што денеска ги потпишаа премиерите на шесте земји од Западен Балкан.
И германскиот канцелар Олаф Шолц уште еднаш ја истакна својата принципиелна поддршка за прием на земјите од Западен Балкан во ЕУ.
„Местото на тие шест земји од Западен Балкан е во ЕУ. Тие се дел од Европа и дел од европското семејство. Затоа сум за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан“,
рече Шолц.
Берлинскиот процес, додаде тој, е многу важен за успехот на процесот на проширување, кој доби дополнително значење по нападот на Русија врз Украина.
„Белград и Приштина мора да најдат решение“
Двајцата зборуваа и за решавање на билатералните проблеми, посебно помеѓу Србија и Косово.
Фон дер Лајен посочи дека ЕК целосно го поддржува германско-францускиот предлог за решавање на спорот меѓу Белград и Приштина.
„Дијалогот е неопходен и ги повикуваме двете страни да постигнат напредок“,
рече претседателката на ЕК.
Шолц, пак, истакна дека покрај регионалната соработка, клучно за забрзување на процесот на зачленување во ЕУ е земјите од Западен Балкан да ги решат меѓусебните билатерални спорови.
„Србија и Косово мора да постигнат договор и ние и француската влада и ЕК правиме се за да го овозможиме тоа“,
рече Шолц и додаде дека активни разговори се во тек со двете страни.
Тој изрази надеж дека Белград и Приштина и ќе постигнат разбирање и оти наскоро ќе може да се види позитивен исход.