Скопските средни училишта втор ден, мета на закани за поставени бомби, добиени по електронски пат.
Во училиштето „ Никола Карев“, во Карпош и вчера и денеска стигна таква закана. Тоа е едно од вкупно деветте средни училишта кои денеска добија закани за поставена бомба.
Но, за разлика од вчера, денешната закана стигнала од друга мејл адреса, вели директорот .
„Меилот е стасан сега од друго корисничко име. Во 13 и 55 мин. добивме дојава на меил дека има поставено бомба во нашето училиште. Веднаш ја алармирав полициската станица во Карпош. Добив инструкции за постапка. Децата во рок од 3 до 5 минути беа евакуирани на безбедно, надвор од училиштето. Сега објектот е обезбеден од страна на полициските служби“ – изјави Андреј Манолев, директор на средното училиште „Никола Карев“.
Како што дознава Телма, содржината на заканите била слична со вчерашната и пишувало дека поставената бомба е акт на одмазднички чин. Меѓу 9 средни училишта кои денеска беа под закана, дел од нив за прв пат добиле порака за поставена бомба.
Поради проверките што ги вршеа антитерористичките тимови од МВР, настава во втора смена во засегнатите средни училишта немаше, а сообраќајот низ градот се одвиваше отежнато поради затворените улици. По проверката, од МВР соопштија дека се работи за лажни закани.
„Веднаш по добиените пријави, од полициските службеници се превземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата, а потоа се извршени детални проверки од тимови за антитерористички проверки и е утврдено дека станува збор за лажни пријави“ – соопшти МВР.
Вчера и денеска заканите за бомби стигнаа на почетокот на втората смена во училиштата. Вчера закани добија гимназиите: „ Раде Јовчевски Корчагин“, „ Орце Николов“, Никола Карев“, „ Јосип Броз Тито“, „ Боро Петрушевски“ и уште три училишта. Пораките беа испратени од меил адресата „ нова ера.мк“.