Регионалната депонија Русино пак ќе стане „дива“, ако полошките општини и натака не плаќаат за одржување

0
18

После неколку децении, за прв пат депонијата „Русино“ каде полошките општини го депонираат сметот е уредена.Локацијата е заштитена од протекување на отпадни води, има чуварска служба, а сметот се покрива. Но, за неколку дена, илјадниците тони отпад можат повторно да се појават, ако полошките општини не го платат долгот кон ЈП „Русино Полог“, вели директорот Бесим Догани.

„Тука не е направено ништо ново, има само воведено ред, има персонал и луѓе кои се грижат 24 часа за функционирање на депонијата. За да се одржува ова и понатака, треба сите ние да бидеме многу сериозни и да се наплатат сите задолжувања кон депонијата „Русино“, но и да побараме нови финансиски средства. Да ги замолиме пратениците да го изгласаат Законот за задолжување, со што ќе се овозможи започнување на втората фаза, односно изградба на санитарна депонија „Русино“.Знаејќи ја лошата финансиска ситуација општините имаат долгови и би било добро да изнајдат начини да го отплатат долгот, заради тековно одржување на депонијата. Ако операторите само два дена не работаат, шансите за враќање на старата состојба со илјадници тони отпад се големи“ изјави Бесим Догани директор на ЈП „Русино Полог“

Долгот кон ЈП „Русино Полог“ е 7 милиони денари.Тетово и Гостивар се најголеми должници. Ветија дека ќе го платат и покрај лошата финансиска состојба во која се наоѓаат.

„Должиме кон депонијата, но моментално сме со блокирана сметка, штом се ослободиме ќе се обидеме да го исплатиме долгот, оти сме свесни дека за одржување на претпријатието, мора да се покријат долговите од големите општини“ изјави градоначалникот на Општина Гостивар Арбен Таравари.

„За ова да функционира и понатака треба да се платат и обврските кои ги имаме, затоа што ако еден ден не функционира ,тешко дека ќе се вратиме назад“, изјави градоначалникот на Тетово Биљал Касами..

Депонијата Русино денес ја посетија сите градоначалници на полошките општини, заедно со Министерот за животна средина Насер Ниредини и амабсадорката на Швајцарија,Н.Е. Вероник Улман, федерација која финасиски ја помогна првата етапа од уредувањето на Русино. Министерот Нуредини, изрази надеж дека соработката помеѓу централната и локалната власт и натаму ќе продолжи, со цел граѓаните да добијат модерни и современи депонии.