Бугарскиот претседател Румен Радев вчера рече дека Бугарија, откако Македонија доби неповратна помош од 80 милиони евра од ЕУ, ќе го активира механизмот за макропомош и со тие пари нашата земја ќе добие поевтина струја за компаниите на слободниот пазар.
„Бугарија како одговорен сосед и членка на ЕУ го активира механизмот за макрофинансиска помош на ЕУ, а претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен најави дека Република Македонија ќе добие 80 милиони евра за набавка на електрична енергија според овој механизам. Ние сме подготвени тоа да го обезбедиме“ изјави Радев на прашање на БГНЕС.
Претседателката на Европската комисија, Урсула Фон Дер Лајен, пред два дена како гостин во Скопје најави грант од 80 милиони евра за Македонија, пари кои треба да и помогнат на земјава да се соочи со последиците врз граѓаните и стопанството поради зголемената цен на струјата.
Тоа ќе биде итна буџетска поддршка за земјава којашто ќе може да ја користиме од јануари.
Бугарија, која има вишоци на струја, претходно прифати да и помогне на Македонија во енергетската криза, но без при тоа да се нарушат правилата што ги налага Европската Унија. Тоа значеше дека струја на слободниот пазар може да и се продава на Македонија, но само според цената на берзата, а не билатерално.
80-те милиони евра орактично ќе бидат еден вид субвенција која ќе направи увозната струја од Бугарија за отворениот пазар да изгледа поевтино. Тоа го дозволува механизмот на ЕК низ компензациските т.е. солидарните фондови.