Јавното обвинителство потвдува дека не е откриена поврзаност на лицето кое вчера го приведе полицијата под сомнение дека стои зад пријавите за поставени бомби во неколку скопски училишта и дека затоа по распитот и претресот во домот лицето е ослободено.
Од Јавното обвинителство велат веднаш откако лицето било лишено од слобода дека бил известен јавен обвинител кој во интерес, како што се нагласува, на ефективно постапување, веднаш до судијата на претходна постапка доставил барање за претрес на неговиот дом и за одземање на електронските уреди од кои потенцијално би можеле да бидат испратени пораките.
„Во текот на измината вечер по напатствија на јавниот обвинител се извршени сите неопходни дејствија со цел да нема дополнително задржување на лицето. Со оглед дека првичните вештачења не покажаа поврзаност на лицето со испратените пораки, лицето по извршениот распит е пуштено на слобода“, соопштува Обвинителството.
Претходно МВР за МИА соопшти дека се работи на расчистување на случајот.
„Со лицето е извршен службен разговор, во координација со Јавното обвинителство извршен е претрес во дом, одземени се предмети за вештачење и се преземаат мерки за расчистување на случајот“.
Платформата Конзерватив.мк (Conservative.mk), чиј член и активист е Никола Николовски, односно лицето кое беше приведено, категорично ја отфрли можноста за сомнеж во него.
„Одговорно тврдиме и демантираме дека нашиот член Никола има каква било поврзаност со овие настани. Никола е пред сѐ општествено одговорен граѓанин, наш активист кој е активно вклучен во борбата против дезинформациите и лажните вести, кој со гордост ја претставувал Македонија на многу настани, натпревари и конференции, вклучително и во Европскиот парламент“, сооштија од платформата и оценија дека станува збор за „класичен напад врз слободата на говор, демократијата и начин како да се притиснат неистомислениците“.
Платформата најави дека ќе се погрижат настанот да биде целосно расветлен пред органите, а вистинските лица кои стојат позади, како што наведуваат, овој нарачан напад, да понесат целосна одговорност.
Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден доби пријави од девет училишта на територија на Скопје дека на нивните електронски адреси добиле порака со закана за поставена бомба, а по завршените антитерористички проверки соопшти оти е утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Повеќе училишта и минатата недела неколку дена по ред на нивните електронските адреси добиваа дојави за бомби, кои по проверката од страна на МВР се утврди дека се лажни пријави.