Мицкоски ќе ги поддржува Македонците, Софија претпазлива

0
19

Отворањето клубови во двете земји на ваков начин не е во корист ниту на македонската заедница и не е во функција на добрососедските односи, рече министерот за надворешни работи Бујар Османи. Мицкоски завчера најави дека ќе оди на отворањето за да им даде поддршка на Македонците во Бугарија.

Со апели за воздржаност од провокации и инциденти и со намалување на значењето како за приватен настан во приватна куќа, бугарските локални власти утре ќе го допуштат отворањето на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград, на кое ќе нема бугарски политичари, а од македонските ќе присуствуваат лидерите на опозициските Левица и ВМРО-ДПМНЕ, Димитар Апасиев и Христијан Мицкоски, кои ќе ги придружуваат и пратениците Рашела Мизрахи и Драган Ковачки.

Од власта нема да присуствува никој, затоа што, како што објасни вчера министерот за надворешни работи Бујар Османи, „отворањето клубови во двете земји на ваков начин не е во корист ниту на македонската заедница и не е во функција на добрососедските односи“. Ова мислење министерот го поткрепи со податокот дека финансиерот на клубот има анти-НАТО расположение.

– Кога дознав кој го финансира клубот, ми беше јасно. Тоа е фондација од Канада, која има и своја веб-страница и доколку ги гледате позициите кон државата, кон стратегиските интереси, ќе видите дека не е во функција на тие стратегиски интереси и не очекувам дека ќе биде во функција на граѓаните и на односите меѓу двете земји. Тоа што финансиер на тој клуб е тоа здружение за мене е доволен факт дека оваа иницијатива нема добра намера – рече Османи.

Тој вели дека не смее да се дозволи некој да ја киднапира агендата заради политички и партиски интереси и напомена дека отворањето вакви клубови во двете земји можеби моментално ќе задоволни некакви чувства, но не е долгорочно решение. Османи додаде и дека камен-темелникот за железницата со Софија многу повеќе ќе придонесе за Македонците во Бугарија и за Бугарите во Македонија отколку „овој натпревар на клубови“.

– Граѓаните и тука и во Бугарија имаат апсолутно право да отвораат клубови, но во согласност со законите, и тоа му го посочив и на бугарскиот премиер. Тоа што се случи во Охрид е спротивно на кој било интерес на бугарската заедница, немам двојни стандарди, но агендата треба да ја вратиме во нормалните добрососедски односи, кои се во духот на пријателството – рече Османи.

Од бугарското МНР, пак, сметаат дека има обид на опозициските партии во Македонија да предизвикаат тензии во односите меѓу Софија и Скопје и ги повикаа луѓето од Благоевград да реагираат смирено и да не потпаѓаат на провокации.

– Очигледно е дека станува збор за дефокусирање на вниманието на јавноста од борбата за правата на Бугарите во РС Македонија. Физичко лице што се претпоставува како дел од непостојна невладина организација изнајмило простор од друго физичко лице. Семејството на Никола Вапцаров е вознемирено од фактот што името на поетот се користи за таква провокација. Тие не дале дозвола да се користи името и ја нагласуваат бугарската етничка припадност на поетот – вели бугарскиот заменик-министер за надворешни работи Костадин Коџабашев.
Вчера градоначалникот на Благоевград, Илко Стојанов, рече дека ако има провокација, тоа нема да биде на официјалните власти, ќе биде присутна полицијата и ако има индиции за антидржавно дејствување, ќе се реагира. Во врска со присуството на Мицкоски и Апасиев, градоначалникот рече дека не очекува официјални лица, зашто нема официјален настан, а секој кој ќе дојде е добредојден и ќе биде во функција на граѓанин, а не како политичар.

Мицкоски завчера најави дека ќе оди на отворањето на клубот во Благоевград за да им даде поддршка на Македонците во Бугарија.

Според дел од бугарските медиуми, полицијата во Благоевград презема мерки за да спречи ескалација в недела, затоа што бугарската ВМРО најави протест, а се очекува навивачите да прослават 100 години од фудбалскиот тим „Пирин“ .