Косовскиот премиер Албин Курти ги повика припадниците на српската заедница да не ги бојкотираат или напуштаат институциите на Косово и да не бидат „жртви на политички манипулации и геополитички игри“.
Курти, исто така, рече дека „сите се придржуваме до демократските и европските вредности на владеењето на правото, правото на слобода на поединците и малцинските заедници, како и политичкиот плурализам“. Тој повика и на „смиреност, безбедност и мир“.
„Јас не сум премиерот кој е против вас, туку Белград е против мене. Јас сум премиерот кој ќе ви биде на услуга почитувајќи ја уставноста и законитоста на Република Косово. За мене приоритет е борбата против криминалот и корупцијата, правдата, економскиот развој, вработувањето, еднаквост и просперитет за сите, без разлика на етничка или верска припадност“, рече Курти.
„Не бојкотирајте ги и не напуштајте ги институциите на Косово. Тие ни служат на сите нас, на секој од вас“, напиша Курти во објавата на Фејсбук, која беше објавена и на српски јазик.
Претставниците на Србите од северот на Косово одлучија на 5 ноември да ги напуштат сите институции на Косово.
Ова беше одлучено по состанокот на претседателот на Српската листа, Горан Ракиќ, четворица градоначалници на општините на северот на Косово и претставници на сите косовски институции од северот на Косово, вклучувајќи ги судските, обвинителството и полициските работници, што се одржа во Звечан северно од Косово.
Премиерката на Србија Ана Брнабиќ најави дека со напуштањето на косовските институции претставниците на Србите „го бранеле меѓународното јавно право и Бриселскиот договор“.
Таа наведе дека Србите на Косово со ова одлук „сакаат само мир“, како и дека „веруваат во сите оние партнери од меѓународната заедница кои учествувале во постигнувањето на различни договори во текот на изминатите години – пред сè, Брисел.
Таа изјави дека ова е одговор „на континуираното еднострано прекршување на договорот“, непочитувањето на Србите во Косово и Европската Унија, која е гарант на Бриселскиот договор. Во борба за мир, стабилност, владеење на правото и почитување на сите потпишани договори, Србите секогаш ќе ја има целосната поддршка од Владата на Србија“, се наведува во соопштението на Владата.
Брнабиќ исто така изјави дека паралелите меѓу Косово и Украина и украинскиот регион Донбас се „невкусни, несоодветни и некохерентни“.