Илон Маск ќе наплаќа по осум долари месечно за верификуваните профили на Твитер

0
19
epa08855507 SpaceX owner and Tesla CEO Elon Musk arrives on the red carpet for the Axel Springer award, in Berlin, Germany, 01 December 2020. EPA-EFE/BRITTA PEDERSEN / POOL

Контроверзниот милијардер се соочува со големи предизвици во обидите да направи „ремонт“ во компанијата. Додека тој изјави дека сака да ја намали зависноста од реклами, дел од фирмите веќе истакнаа загриженост за рекламирањето на Твитер откако Маск стана сопственик.

Новиот шеф на Твитер најави дека ќе наплаќа по осум долари месечно на корисниците на социјалната мрежа чиј профили се верификувани. Станува збор за оние корисници кои покрај своето име го имаат сино-белиот знак што покажува дека истиот е потврден односно проверен идентитет.

Профили со знак дека се верификувани вообичаено користат јавни личности од висок профил и досега оваа опција беше бесплатна.

Ова се дел од промените откако најбогатиот човек на светот ја презеде компанијата вредна 44 милијарди долари.

Маск претходно кажа дека сака да ја намали зависноста на Твитер од реклами, па оваа најава за осум долари месечно се толкува дека е во таа насока.

Сепак, контроверзниот милијардер се соочува со големи предизвици во обидите да направи „ремонт“ во компанијата. Дел од фирмите веќе истакнаа загриженост за рекламирањето на Твитер откако Маск стана сопственик.

„Џенерал Моторс“, најголемиот ривал на Маск во индустријата за електрични автомобили, минатата недела соопшти дека го прекинува рекламирањето на оваа социјална мрежа. Вчера, пак, една од најголемите маркетинг агенции, ИПГ, ги советуваше своите клиенти да го прекинат рекламирањето за период од една недела бидејќи засега не се јавни плановите на новиот сопственик на Твитер за да може да им се гарантира „доверба и безбедност“ од оваа социјална мрежа.

Инаку, верификувањето на профилите Твитер го воведе во 2009 година откако претходно се соочи со тужба дека компанијата не преземала доволно мерки за да ги спречи лажните профили.