Идентификуван осомничениот за нападот на Пелоси: Полицијата тврди оти нападот не е случаен

0
18

Полицијата соопшти дека нападот врз Пелоси во домот на парот во Сан Франциско не бил случаен, а Си-ен-ен, повикувајќи се на свои извори објави дека напаѓачот за време на нападот на Пелоси очигледно ја барал претседателката на Претставничкиот дом, неколкупати извикувајќи „Каде е Ненси?“
Четириесет и двегодишник идентификуван од полицијата како Дејвид Депејп е осомничен за нападот на Пол Пелоси, сопругот на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси што се случи вчера во домот на парот во Сан Франциско.

Полицијата соопшти дека нападот врз Пелоси во домот на парот во Сан Франциско не бил случаен.

„Тоа не беше случаен акт. Тоа беше намерен напад“,

изјави синоќа на прес-конференција началникот на полицијата во Сан Франциско, Вилијам Скот, одбивајќи да ги коментира можните мотиви за нападот.
Си-ен-ен, повикувајќи се на свои извори објави дека напаѓачот за време на нападот на Пелоси очигледно ја барал претседателката на Претставничкиот дом, неколкупати извикувајќи „Каде е Ненси?“.

Полицијата објави дека Ненси Пелоси во моментот била во Вашингтон.

Пол и Ненси Пелоси се во брак од 1963 година и имаат пет деца
Фото: EPA-EFE/RON SACHS / POOL
Окружниот обвинител на Сан Франциско, Брук Џенкинс изнесувајќи повеќе детали за нападот рече дека Пол Пелоси се јавил на бројот за итни случаи 911 додека напаѓачот бил внатре во неговиот дом во петокот рано наутро, пишува Си-ен-ен.

Пелоси успеал да ја задржи телефонската линија отворена за време на нападот, така што диспечерот можел да слушне разговор во позадина. Полицајците влегле во домот на Пелоси околу 2:27 часот по локално време (5:27 часот по средноевропско време) за да го пронајдат Пелоси (82) како се бори со напаѓачот. Тие виделе како напаѓачот „насилно го нападнал“ Пелоси со чекан пред да го соборат на земја и да го уапсат.

Напаѓачот на Пелоси се очекува да биде изведен пред суд во вторник, вели окружниот обвинител на Сан Франциско, Брук Џенкинс. Тој во моментов е во болница оти се стекнал со повреди за време на нападот.

Кабинетот на Ненси Пелоси објави дека нејзиниот сопруг е опериран поради фрактура на черепот и има сериозни повреди на десната рака и дланките. Се очекува тој целосно да закрепне.

„Неговите лекари очекуваат целосно закрепнување“,

се наведува во соопштението од кабинетот на Пелоси.
Во меѓувреме се истражува мотивот за нападот.

Претседателот Џо Бајден го опиша нападот врз сопругот на претседателката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси како „одвратен“ и директно поврзан со десничарскиот екстремизам.