Психолозите велат дека кај дел од средношколците има вознемиреност поради заканите за бомби, но никој од нив досега не побарал помош. Од Сојузот на средношколци пак, апелираат за што брзо идентификување на сторителот. Како ќе се надополнат загубените часови се уште не познато.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот со заканите за поставени бомби во училишта во Скопје откако вчера беше приведен осомничен со иницијали Н.Н. Полицијата притоа не даде дополнителни детали за осомничениот. Вчерашните закани кои стигнаа на електронската пошта на девет училишта во главниот град, полицијата утврди дека се лажни.
„Со лицето е извршен службен разговор, во координација со јавното обвинителство извршен е претрес во дом, одземени се предмети за вештачење и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР.
Платформата именувана како Conservative.mk објави дека приведениот e нивниот член и активист Никола Николовски. Оттаму демантираа дека тој има каква било поврзаност со овие настани.